Спорт Доделени наградите за најдобар спортист на Град Скопје

Доделени наградите за најдобар спортист на Град Скопје

Антонио Ристевски е прогласен за најдобар спортист на Град Скопје за 2014 година поради неговиот успех на Зимските олимписки игри во Сочи, каде што го освои 29. место, што е најголем успех на еден Македонец на ЗОИ.

Покрај Ристевски, награда за најдобри спортисти добија уште: Игор Стефановски (автомобилизам), Томи Стефановски (маратон) и Евгениј Попацев (пливање). Млади спортисти се: Мери Јанева (куглање), Александар Соколовски (куглање), Бојан Јанкуловски (тенис) и Филип Талевски (ракомет). За најдобри тренери се прогласени: Иван Лесевски – скијање (СК Работнички), Индира Кастратовиќ (ЖРК Вардар).

За најдобра екипа е избрана екипата на ЖРК Вардар Скопје, додека Тимур Дибиров, ракометарот на Вардар, е прогласен за најдобар спортист од странство. За најдобар спортист со телесен инвалидитет е прогласен Ристо Фотевски, успешен спортист во повеќе дисциплини: шах, пинг-понг, трки со инвалидски колички на 100, 200 и 400 метри и фрлање ѓуле.

За особено постигнување – подвиг на годината, награда доби Здравко Дејановиќ. Признанија за посебни достигнувања во спортот им беа доделени на: Јуниор-школа за минибаскет, Цветан Димов – карате-клуб, Назми Али, тренер во борење, Јовица Јованчев, Александар Чекоров и Александар Смилков (Гинисов рекорд за туркање автомобил).