Дали над тетовското село Беловиште рика мечка што си го бара одземеното мече или, пак, се вртка околу локалитетот Петачко Водиче привлечена од кантите и од вреќите за ѓубре кои се полнат од бројните посетители на овој извор над селото и денеска останува енигма.
Во разговор со надлежните од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за реонот околу Беловиште, дознавме дека до претпладнево нема информации за „мечешката мистерија“, но уверија дека „се работи на утвдување на деталите“. Според верзија што ја кажуваат жителите во Беловиште, пред неколку денови мечката се симнала до селото со двете мечиња, при што едното влегло во плевна на еден селанец. По ден-два мечето, наводно, било однесено од селото.
Како што може да се види од фотографиите на фејсбук-страницата на рибниот ресторан „Делфин“, таму сосема комотно, покрај пауните и пони-коњите, си живее мало мече.
– Си дојде самото и никако не можевме да го избркаме. Што да му правиме, пријавивме кај ветеринарот Горан во Тетово, па чекаме сега тој да ни каже што понатаму. Тешко ни е да го чуваме, по четири литри млеко на ден пие. Плус му пасираме во блендер јаболки и друго овошје. Има голем апетит. Не ќе може да го држиме многу, ама пак ќе видиме со тие што се надлежни – објаснува вработен во ресторанот.