Македонија До денеска издадени вкупно 22.208 потврди за барање азил

До денеска издадени вкупно 22.208 потврди за барање азил

Министерството за внатрешни работи (МВР) вчера, врз основа на измените на Законот за азил и привремена заштита, издало 633 потврди за искажана намера за поднесување барање за азил во Македонија, на странски државјани кои илегално влегле во земјава.

Според МВР, од 19 јуни, кога стапија на сила измените на законот до денеска, издадени се потврди на вкупно 22.208 илегални мигранти, од кои најголем дел се од Сирија.
Од почнувањето на издавањето на потврдите до денеска, до одделението за азил, според Министерството, поднесени се 41 барање за признавање право на азил. Од нив, 31 барање се од државјани на Сирија, три барања се од државјани на Пакистан, по две барања се од државјани од Мароко, Алжир и од Ирак и едно барање е од државјанин на Египет.

Во Прифатниот центар за баратели на азил, заклучно до денеска, евидентирани се девет баратели на азил.

Како што информираат од МВР, вчера мобилните тимови на Црвениот крст укажале прва помош на вкупно 100 лица, од кои шест трудници и 14 деца. Од вкупниот број интервенции, 67 биле извршени на железничката станица во Гевгелија и 33 интервенции на железничката станица Табановце. Тригодишно дете поради висока температура е транспортирано до гевгелиската општа болница, каде е под медицински надзор.