Македонија Дневниот билет почна да се продава и во возилата на ЈСП-Скопје

Дневниот билет почна да се продава и во возилата на ЈСП-Скопје

Извор на фотографија: ЈСП-Скопје

ЈСП-Скопје информира дека дневниот билет почна да се продава и во возилата на скопскиот јавен превоз. Тој чини 120 денари и важи за повеќекратно користење на сите линии во текот на еден ден, односно може да се користи за неограничен број преседнувања на сите линии, во период од 5 до 24 часот.

Досега, дневниот билет беше достапен единствено во билетарниците и центрите за персонализација на ЈСП Скопје.

Освен овој тип на билет, како олеснителна околност за сите оние корисници на јавниот превоз кои не поседуваат електронска картичка „Скопска“, постои опција за валидирање билет со мобилната апликација „Скопска“, која од неодамна е целосно функционална.

„Апликацијата претставува замена за неперсонализираната електронска картичка „Скопска“, практично таа е виртуелна автобуска карта. Апликацијата е достапна за корисници на „смарт“ мобилни телефони со Android или IOS оперативен систем“, се наведува во соопштението на ЈСП-Скопје.

Во случај на појавен проблем од било каква природа, корисниците можат да се обратат на apskopska@jsp.com.mk.

И натаму, корисниците на јавниот превоз билет можат да купат/валидираат со електронска картичка „Скопска“. Персонализираните картички се продаваат во центрите за персонализација на ЈСП-Скопје и чинат 200 денари, а неперсонализираните во центрите за персонализација, во билетарниците на ЈСП, како и во возилата на ЈСП-Скопје.

За користење на скопскиот јавен превоз, неперсонализираната „Скопска“ чини 150 денари и на неа има две гратис возења. Можност за купување/валидирање билет се нуди и со опцијата Mobipay (мобилно плаќање).