Македонија ДИЖС бара истрага за „темната супстанца“ поради која угина живиот свет во...

ДИЖС бара истрага за „темната супстанца“ поради која угина живиот свет во Дебарското Езеро

Извор на фотографија: Фејсбук профил на Државен инспекторат за животна средина

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) на својата Фејсбук страница објави дека, на 20 март до надлежниот инспектор во Гостивар доставил информација од полицијата за излевање на темна супстанца во Дебарско Езеро, која предизвикала угинување на живиот свет во езерските води. Додаваат дека, со цел навремено да се обезбеди доказен материјал, инспекторот дал насоки на полицијата за правилно земање на мостри од езерото од соодветни локации, долж канализациската мрежа. Мострирањето, односно земањето примероци, било спроведено во текот на денот.

„На 22 март инспекторот беше на терен со началникот на Одделението за внатрешни работи во Дебар, го подготвија и го предадоа предметот до Основното јавно обвинителство во Дебар“, информираат од ДИЖС.

Додаваат дека Јавното обвинителство итно ќе издаде налог за анализа на земените мостри од страна на акредитирана лабораторија, што ќе овозможи откривање на сторителот, односно изворот на загадувањето.

Од ДИЖС појаснуваат дека за делото опишано во Кривичниот законик, во член 218: „загадување на животната средина и природата“, предвидена е казна затвор во траење од четири до десет години или парична казна.