Економија Дизелот поскапува за 2,5 денари, бензините за денар

Дизелот поскапува за 2,5 денари, бензините за денар

Еуросупер БС 95 ќе чини 88 денари за литар, а литар еуросупер БС - 98 ќе чини 90,5 денари

Фото: Мета.мк

Од ноќеска на полноќ бензините ќе поскапат за еден денар, а дизелот и екстра лесното масло за домаќинство за 2,5 денари за литар, соопшти денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Се зголемува и малопродажната цена на мазутот за 1,146 денари за килограм.

ЕУРОСУПЕР БС 95 ќе чини 88 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС – 98 ќе изнесува 90,5 денари, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 83,5 денари, маслото за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 83 денари, додека мазутот ќе биде 47 денари за килограм.

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,308 отсто, кај дизелот за 3,641, кај екстра лесното масло за 3,940 и кај мазутот зголемувањето е за 2,280 проценти. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,705 отсто, наведува РКЕ.