Економија Дизелот поевтин за 1,5 денар по литар, безоловниот бензин поскап за половина...

Дизелот поевтин за 1,5 денар по литар, безоловниот бензин поскап за половина денар

Фото: Мета.мк

Регулаторната комисија за енергетика денеска донесе одлука со која ќе поевтинат дизелот и екстра-лесното масло за домаќинство, додека ќе поскапе 95-октанскиот бензин.

Според денешната одлука, во однос на одлуката за цените од 28 октомври годинава, тврдат од Регулаторна, референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар бележат зголемување во просек: кај бензините за 0,870 отсто, кај дизелот намалување за 1,202 отсто, кај екстра лесното масло намалување за 0,228 отсто и кај мазутот зголемување е за 2,506 отсто.

„Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,387 отсто“, објаснува РКЕВУ.

Со најновата одлука, од полноќ, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) поевтинува за 1,5 ден/лит, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 1 ден/лит.

Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за 0,5 ден/лит, додека малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менува.

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,584 ден/кг и сега ќе изнесува 50,067 ден/кг.

Новите цени од полноќ се следниве:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 90,5 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 92,5 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 99 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 96 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 50,067 (денари/килограм)

31.10.2022