Македонија Димовски: ВМРО-ДПМНЕ не блокира, туку „од демократијата го црпи правото за дебатирање...

Димовски: ВМРО-ДПМНЕ не блокира, туку „од демократијата го црпи правото за дебатирање “

Работата на Комисијата за избори и именувања е беспредметна затоа што денеска поднесовме предлог од 20 пратеници за кадидат за претседател на Собранието на Република Македонија, а тоа е Талат Џафери, рече на прес-конференција пратеникот на СДСМ, Петре Шилегов.

– Граѓаните се сведоци кој сака да ја продолжи кризата. Реплицирањето на пратенциите на ВМРО-ДПМНЕ сами на себе е кршење на деловникот. Ако дозволиме ова блокирање да продолжи ќе имаме колабирање на системот. Апелираме веднаш да прекине кршењето на деловникот, а ВМРО-ДПМНЕ е должна да прекине со ова однесување. Во моментов дебатираме за точка која не е битна – рече Шилегов.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Комисијата за избори и именувања, Илија Димовски рече дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го црпат правото за дебатирање од демократијата, а проблем е тоа што пратениците од СДСМ не се пријавени за дебата.

– Деловникот на Собранието дава две алтернативи за предлагење кандидат за претседател на Собранието, а тоа е преку Комисијата за избори и именувања и преку предлог на 20 пратеници. Едната алтернатива не ја поништува другата. Легитимно е 20 пратеници да го предложат Џафери, но, тие не смеат да го блокираат правото на Комисијата или на други 20 пратеници да предложат кандидат – рече Димовски, кој не сакаше да одговори на новинарско прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ имаат кандидат за претседател на законодавниот дом.

Тој рече дека третата точка од дневниот ред, за избор на членови на Комисијата за избори и именувања, мора да помине, за да продолжи било која друга.

На новинарско прашање со кого ВМРО-ДПМНЕ дебатира изминатите два часа во Собранието, Димовски одговори дека дебатираат со граѓаните.