Македонија Димовски: Јанева, за Вашите барања најдете си друг парламент

Димовски: Јанева, за Вашите барања најдете си друг парламент

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бараат специјалната јавна обвинителка Катица Јанева да го признае легитимитетот на Собранието, иако таа неколкупати кажа дека од прислушуваните материјали произлегува дека има основи за сомневања за изборен криминал и дека сите избори од 2011 година наваму се под знак прашалник.

Пратеникот и координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, на крајот на денешната расправа по извештајот на СЈО, ѝ порача на специјалната обвинителка да си најде друг парламент за нејзините барања (н.з. се мисли на барањата за измените на законите кои Јанева ги побара од Собранието).

– Додека не ја признаете легитимноста на овој парламент, ова Собрание нема да расправа за Вашите барања. Госпоѓо Јанева, не можете да влезете во парламент и да кажете дека тој е нелегитимен, а потоа да барате истиот тој парламент да Ви донесе закони – рече Димовски.

На ова, Јанева рече дека пратениците ѝ ги извртуваат зборовите и повтори дека од прислушуваните разговори има индиции за изборен криминал.

Димовски на денешната седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците ѝ порача на Јанева да ги набави другите прислушувани материјали.

– Се сеќавам дека имаше еден случај во кој истражители на Специјалното јавно обвинителство среде ноќ влегоа во Централниот регистар на Македонија и собираа документи по налог на судот. На овој ист начин можете да ги прибавите и материјалите од прислушувањето. Не го гледајте обвинителот Марко Зврлевски, не покажувајте кон него, затоа што тој со тие материјали завршил – ѝ рече Димовски на Јанева.

Расправата за извештајот за работата на СЈО ќе продолжи утре во 11 часот. На седницата ќе се расправа и за извештајот за работата на Основното јавно обвинителство.