Македонија Димитров ќе оди во Берлин на средба со Габриел

Димитров ќе оди во Берлин на средба со Габриел

Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров претстојниот период ќе оди во Берлин, каде ќе има средба со својот германски колега Зигмар Габриел.

Посетата на Димитров се наведува во денешното соопштение на Министерството за надворешни работи, по повод примањето на копиите од акредитивните писма на новоименуваниот, вонреден и ополномоштен амбасадор на Германија во Македонија, Томас Норберт Герберих.

„Амбасадорот Герберих изрази задоволство што во наредниот период ќе ја води германската амбасада во пријателска Македонија, пренесувајќи ги притоа пораките на охрабрување од официјален Берлин за политиките и активностите на новата македонска Влада, како во делот на амбициозната реформска агенда, така и во контекст на новиот позитивен пристап во односите со соседите. Во оваа смисла, пренесе и целосна поддршка за европската и евроатланската перспектива на Македонија, со очекување за што поскоро и конкретно поместување на процесот на интеграција во ЕУ и НАТО. Претстојната посета на министерот Димитров на Берлин и средбата со својот германски колега Габриел, претставува дополнителна потврда во оваа насока“, стои во соопштението од МНР.

Димитров на средбата со новиот амбасадор ги поздравил „одличните и пријателски односи меѓу двете земји, посочувајќи дека тековната динамична соработка во повеќе полиња од заемен интерес сведочи за заедничката волја за надградување на севкупната билатерална размена“.