Главна секција ДИК ќе одлучува за прегласување на избирачко место во Чаир

ДИК ќе одлучува за прегласување на избирачко место во Чаир

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница, закажана за 16 часот, треба да го разгледа и да го усвои решението на Управниот суд за повторување на гласањето на избирачкото место 2901 во општина Чаир, од вториот круг на локалните избори, одржан на 29 октомври.

Инаку, повтореното гласање на ова избирачко место во Чаир може да влијае на конечниот резултат од изборите во оваа општина, односно да го одреди новиот градоначалник на општината.

Разликата во Чаир меѓу Висар Ганиу од ДУИ и Зекирија Ибраими од Беса во вториот круг од изборите беше 209 гласа, во прилог на Ганиу, а на избирачкото место 2901 разликата е 66 гласа. На ова избирачко место вкупно се запишани 719 гласачи.

Управниот суд претходно ги одби другите 15 тужби што политичките партии ги поднесоа по вториот круг од локалните избори. Најмногу тужби против одлуките на ДИК до судот поднесе Алијанса за Албанците – вкупно 11, четири поднесе Беса, а една тужба поднесе Народното движење за Македонија (НДМ).