Македонија ДИК ги усвои упатствата за поднесување на кандидатските листи за локални избори

ДИК ги усвои упатствата за поднесување на кандидатските листи за локални избори

На денешната седница на Државната изборна комисија (ДИК) беа усвоени упатствата за начинот и за постапката за поднесување, прием и за потврдување на кандидатските листи за локални избори, за важечки и неважечки гласачки ливчиња, како и за утврдување на личниот идентитет на гласачот.

За важечко гласачко ливче ќе се смета ако е заокружен редниот број пред подносителот на листата, односно редниот број пред кандидатот за кој гласачот се определил да гласа. За важечко ќе се смета и тоа гласачко ливче од кое на сигурен и недвосмислен начин може да се утврди за која листа на кандидати гласал гласачот.

Во однос на неважечките ливчиња, претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, истакна дека е консултирана меѓународна анализа која покажува дека бројот на неважечки гласачки ливчиња во земјите од Централна и од Источна Европа се движи меѓу пет и седум отсто од искористените гласачки ливчиња на националните избори, а за локалните избори се движи дури до 9 отсто.

Генералниот секретар на ДИК, Добре Јанковски, информираше дека не може да бидат исплатени средства за надоместок на трошоците за последните избори на Движењето Беса поради тоа што жиро-сметката на партијата не била активна, по што Комисијата одлучила да достави информација во врска со овој случај до Собранието, до Државниот завод за ревизија и до Беса.

Атанас Урумов, член на ДИК, информираше дека се направени сите подготовки за рефендумот за Казандол во Дојран, кој треба да се одржи в недела. Испечатени се осум изводи од избирачкиот список, а право на изјаснување имаат 2.747 лица.