Македонија ДИК денеска ќе одлучува за последниот приговор на СДСМ

ДИК денеска ќе одлучува за последниот приговор на СДСМ

Државната изборна комисија (ДИК) денеска ќе продолжи да расправа за последниот приговор на коалицијата предводена од СДСМ за избирачкото место 2011 во Теарце, во шестата изборна единица.

Според приговорот, на ова гласачко место, на почетокот на гласањето било констатирано дека недостига гласачко ливче, кое на крајот при пребројувањето на гласовите било најдено во избирачката кутија. Членовите на ДИК вчера побараа да се види записникот број 15 за да се утврди дали ова ливче недостигало пред гласањето или откако тоа почнало.

ДИК досега прифати само еден приговор од движењето Беса и поништи гласање на едно избирачко место во Гостивар.
Коалицијата предводена од СДСМ до ДИК поднесе вкупно осум приговори за текот на изборниот процес, но вчера пред почетокот на седницата на комисијата, беа повлечени два приговора. Другите пет приговори на коалицијата предводена од СДСМ беа одбиени.

И вчера, додека траеше седницата на ДИК, пред зградата на комисијата беа собрани поголем број членови и приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ, кои како што соопштија, се собрале „за да ја одбранат изборната победа“. Пред зградата одекнуваа пукотници од огномети и од пиротехнички средства, а насобраните граѓани палеа огнови и скандираа додека траеше седницата на комисијата. Поради ваквата ситуација, претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, ја прекината седницата и ја закажа за денеска.