Македонија Дијаметрални разлики во анкетите околу поддршката за СЈО и за Катица Јанева

Дијаметрални разлики во анкетите околу поддршката за СЈО и за Катица Јанева

Анкетите направени од неколку агенции за испитување на јавното мислење покажуваат дијаметрално спротиставени разлики во однос на рејтингот и на довербата што Специјалното јавно обвинителство и обвинителката Катица Јанева ја имаат кај граѓаните.

Најновата анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) со седиште во Вашингтон покажува дека 63 отсто од испитаниците ја поддржуваат работата на Специјалното јавно обвинителство што ги истражува случаите што произлегоа од скандалот со прислушувањето.

Пред неполн месец, на 12 мај, институтот „Павел Шатев“ објави анкета чии резултати покажуваат дека високи 60 проценти од анектираните немаат доверба во Катица Јанева и во СЈО, а дека 25,2 отсто имаат доверба во оваа институција.

Истиот институт, на 18 март објави анкета според која во Катица Јанева и во Специјалното јавно обвинителство немаат доверба 64,3 отсто од испитаниците, 23,4 отсто имаат доверба, додека 12,3 отсто биле без одговор.

Агенција за истражување на јавното мислење, „Брима Галуп“, за потребите на порталот „Република“, на 12 февруари објави анкета чии резултатите покажуваат дека дури 50 отсто од граѓаните немаат доверба во Катица Јанева, за разлика од 32,4 отсто кои го мислат спротивното.