Македонија Џафери: Западен Балкан повеќе не е „буре барут“

Џафери: Западен Балкан повеќе не е „буре барут“

Денес, благодарение на волјата и зрелоста на сите нас кои живееме во Регионот, меѓутоа и ангажираноста на нашите меѓународни пријатели, Западен Балкан не е веќе симболично кажано „буре барут“, порача претседателот на Собранието, Талат Џафери, на отворањето на семинарот „Рос-Рот“ во Собранието.

Потсетувајќи на потпишувањето на договорите со Грција и Бугарија, Џафери се потсети на 75-от семинар „Рос-Рот“ во Скопје, кога порачал дека евроатлантската интеграција е прашање што треба да го обедини регионот и да ги вклучи и другите држави во Европа, и тоа, како што рече, веќе се случува. Истовремено, тој рече оти може да се очекува во декември или на почетокот на јануари 2019 година, Македонија да влезе во НАТО.

– Да потсетам дека неодамна во Атлантскиот клуб, како полноправен член беше примена Црна Гора. Понатаму, Белград и Приштина, иако имаат многу отворени прашања, сепак и двете страни многу јасно истакнуваат дека само преку дијалог можат да се решат сите прашања. Јас сум убеден дека Договорот кој го потпишаа премиерите Заев и Ципрас, најдоцна до крајот на годинава ќе биде имплементиран од двете страни во целост, и ние веќе во декември оваа година или на почетокот на јануари, ќе станеме триесетта, полноправна членка на НАТО – рече Џафери.