Дописници Детското одморалиште на Плачковица стана конгресен центар

Детското одморалиште на Плачковица стана конгресен центар

Конгресен центар, кој ќе служи за практична настава на студентите на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ (УГД), беше отворен на планината Плачковица, близу Штип.

Поранешното детско одморалише беше реновирано со средства од фондовите на ЕУ, преку Програмата за меѓугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија.

Претходно, Владата на Република Македонија, одморалиштето го предаде во сопственост на УГД. Проректорот Блажо Боев рече дека со поранешното детско одмаралиште на Плачковица ја оствариле идејата за формирање на еден конгресен центар, кој ќе биде практично место за обуки на студентите во делот на нивната практична и теренска работа.

– Објектот не е комплетно завршен, но се надеваме дека наскоро ќе биде среден овој објект во делот на сместувачкиот капацитет – рече Боев.

Со европските пари за прекугранична соработка, изградени се два конгресни центра. Освен тој во Штип, ваков објект е изграден и во Благоевград, Бугарија, сопственост на партнерот во овој проект.

Конгресниот центар, со обуки и со практична настава, први го употребија професорите и студентите на Факултетот за туризам и бизнис-логистика при УГД-Штип, на изучување на старата македонска гастрономија. Ќе биде издаден и готвач на јадења од Источна Македонија.