Македонија Дескоска: Законите за нотари и за извршители нема да донесат подобрување за...

Дескоска: Законите за нотари и за извршители нема да донесат подобрување за граѓаните

Вчера во ноќните часови, сакајќи да го сокрие срамот од своето ретерирање, владејачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ изгласа измени на законите за нотари и за извршители кое нема да донесе никакво подобрување за граѓаните, вели Рената Тренеска-Дескоска, пратеничка од СДСМ.

– Со вчерашното гласање се потврди она што СДСМ и коалицијата го зборуваше пред три и пол месеци, кога овие закони беа донесени. И тогаш и денес тврдевме и тврдиме дека законите за нотари и за извршители нема да донесат никакво подобрување за граѓаните и нема да ги намалат трошоците на граѓаните во постапките пред нотарите и пред извршителите. Тврдевме и тврдиме дека тие закони што ги изгласа власта не носат олеснување на трошоците на граѓаните кои во извршните постапки плаќаат многукратно повеќе од основниот долг. Сега, кога изборите се одложија и се очекува да се одржат до крајот на оваа година, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, на вчерашната седница повторно го одложија стапувањето на сила на овие закони за следната година, за 2017 – вели Дескоска.

Според Дескоска со одложување на стапувањето на сила на овие закони, владејачкото мнозинство признало дека направило злонамерна дефектна реформа, која не е во корист на граѓаните и дека сака тоа да го сокрие од граѓаните.