Главна секција Дерковски не се сеќава дали ги послушал инструкциите на Јанакиески за изборите

Дерковски не се сеќава дали ги послушал инструкциите на Јанакиески за изборите

Учествувам во избори уште од 1994 година и од секогаш сум соработувал со институциите, Јанакиески може да дава насоки, но јас дали сум го направил тоа што тој го кажал е друго прашање, навистина не се сеќавам, рече Дерковски за „Макфакс“, откако на денешното рочиште за случајот „Титаник“ во судницата на една од „бомбите“ се слушна гласот на актуелниот директор на Државната изборна комисија.

Од разговорот може да се слушне како поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, му дава инструкции на Дерковски, во тоа време директор на МЖ „Транспорт“, за конкретни активности на денот на изборите.

Два дена пред изборите во 2011 година Дерковски добил инструкции од поранешниот министер за транспорт, сега обвинет, Миле Јанакиески да се залепат плакати за сателитската партија СДПМ за да се збунат гласачите на СДСМ. Тоа е партијата која на секои избори излегува со листи со имиња слични на имињата на кандидатите од СДСМ за да ги збуни гласачите, како што беа Рада Шеќерова, Зоран Зашев, Игор Ивановски и Јанис Макрис.