Главна секција Денот на независноста ќе се одбележува под мотото „Македонија слободна, слободно живее“

Денот на независноста ќе се одбележува под мотото „Македонија слободна, слободно живее“

Денот на независноста, 8 Септември, годинава ќе се одвива под мотото „Македонија слободна, слободно живее“, а централното одбележување ќе се одржи пред и во Владата на Република Македонија на 7 септември, во попладневните и во вечерните часови, соопшти денеска на прес-конференција портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

– Ги повикуваме сите граѓани на Република Македонија да бидат гости на Владата на Република Македонија. Владата ќе биде отворена за сите – рече Бошњаковски.

Активностите по повод на Денот на независноста ќе се одвиваат на 6, 7 и на 8 септември, а премиерот Зоран Заев обраќање ќе има на централното одбележување.

На 7 септември, министрите Горан Сугарески, Роберт Алаѓозовски и заменик-министерот Дејан Павлески ќе ја посетат реставрираната спомен-куќа на Блаже Конески во село Небрегово.

На 8 Септември, на Денот на независноста, делегација предводена од премиерот Заев на гробиштата во Бутел ќе положи цвеќе на вечните почивалишта на Киро Глигоров и на Борис Трајковски.

Одговарајќи на новинарско прашање за изминувањето на стоте дена од формирањето на владата, кои се совпаѓаат со претстојниот празник, портпаролот Бошњаковски рече дека во следниот период Владата ќе ги соопшти резултатите од досегашната работа.