Македонија Денеска во 18 часот повторно ќе се протестира пред СЈО

Денеска во 18 часот повторно ќе се протестира пред СЈО

Денеска, во 18 часот, пред Специјалното јавно обвинителство, граѓаните обединети во „Шарената револуција“ ќе протестираат против, како што велат, самоволието и авторитарното и корумпирано владеење.

„Ние, македонските граѓани веќе не чувствуваме страв, туку само огорченост, гнев и бес од авторитарното и корумпирано владеење! Како и минатата година, и сега режимот покажува дека не знае како да се справи со протестите! Се закануваат, заплашуваат, апсат и тепаат! Но, ние не им се плашиме и сме уште помотивирани да бидеме помасовни и погласни, низ цела Македонија, секој ден и секоја ноќ! Ако транзицијата ја осиромаши Македонија, оваа власт ја закопа! Оваа власт ги уништи граѓанските и политичките слободи и правото на слободно изразување, но, пред сè, ја уништи шансата на луѓето чесно да си го заработат лебот и да си го живеат животот! Самоволието на политичкиот и бизнис-картел на власт, таа владејачка каста составена од корумпирани и од арамии, го претвори чесниот работен народ во трет сталеж кому му преостанува само улицата! Протестираме против грабежот на богатите врз сиромашните, против извршителското самоволие и за Македонија во која сите ќе можеме чесно да работиме, да заработуваме и да имаме достоинствен живот!“, пишува во најавата за настанот на „Фејсбук“.

Протести од 18 часот ќе се одржат и во Радовиш, Делчево и во Кичево. Од 18.30 часот ќе се протестира во Валандово, Велес и во Прилеп. Од 19 часот ќе се протестира во Струмица и во Битола, а од 19.30 часот – во Гевгелија.