Главна секција Денеска ќе се протестира пред Основен суд 1 за поддршка на Савески...

Денеска ќе се протестира пред Основен суд 1 за поддршка на Савески и на Куновски

„Шарената револуција“ денеска, во 9.45 часот, пред Основниот суд 1 ќе им даде поддршка на притворените демонстранти, членовите на Левица, Здравко Савески и Владимир Куновски, чие судење е закажано за денеска, а беше одложено трипати.

„45 дена нашите соборци Здравко и Владимир се неправедно во куќен притвор. 45 дена неправдата кон нив е неправда кон целото протестно движење. 45 дена правосудните органи се под жесток притисок од авторитарниот и корумпиран режим да носат одлуки на штета на демонстрантите“, се вели на страницата на „Фејсбук“ на „Шарената револуција“.

Савески и Куновски се обвинети за демолирање на канцеларијата на претседателот Ѓорге Иванов. Последното рочиште на 31 мај беше одложено, бидејќи одбраната не го имала добиено вештачењето поради што не можеле да ја подготват листата на докази.

Ослободување на демонстрантите од притвор е едно од барањата на „Шарената револуција“.