Македонија Денеска голема волонтерска акција за чистење на поплавените подрачја

Денеска голема волонтерска акција за чистење на поплавените подрачја

Членовите на Фејсбук-групата „Хуманитарна помош за поплавените семејства во Скопје“ ги повикуваат граѓаните на Република Македонија, кои се физички и здравствено подготвени, на заедничка ударна акција за расчистување на теренот на сите критични точки, што ќе се одржи денеска.

„Увидот на теренот покажува дека само така, со организираност, координораност, масовност и голема екипираност ќе можеме да успееме да се расчисти теренот и да се спречат опасностите коишто можат да следат ако тоа не го сториме веднаш. Сега, таму сме најпотребни! Потребно е сите граѓани да започнат да доаѓаат на збирното место „Веро Центар“ („Веро Џамбо“) од 8 часот наутро, по што организирано и координирано ќе се упатуваат на критичните места“ се вели во повикот.

Увидот на теренот покажува дека потребниот број луѓе за расчистување на сите критични точки е многу поголем од оној којшто до местата може да се упати со јавниот превоз или индивидуалните возила.

„Затоа, јавно ги повикуваме сите приватни превозници и туристички агенции од Република Македонија, да се вклучат во оваа акција и сите со свои автобуси, минибуси и комбиња, коишто не се користат за редовен превоз денеска да ги упатат пред „Веро Центарот“ во Скопје (обезбеден паркинг) и да овозможат во текот на целиот ден да превезуваат граѓани до и од критичните точки, до локациите до коишто полицијата дозволува пристапност. Сигурни сме дека ќе ја покажат својата човечност и етичност и ќе ги испратат возилата коишто им се на располагање, бидејќи ниту еден друг ангажман и ниту еден друг личен приротет на приватните превозници, во овие денови, не треба да е поприротетен од помагањето во расчистување на сите критични точки. Исто како што за секој физички и здравствено подготвен, етичен, човечен граѓанин на Република Македонија, во овие денови, најприоритетно е секогаш кога може да биде онаму каде што е најпотребен – на терен“, стои во повикот.

Сите приватни превозници можат да се обратат на телефонскиот број: 076 456 345.

„Сите граѓани коишто поседуваат соодветна опременост (чизми, лопати, копачи, вили, работнички колички, заштитни ракавици, медицински маски), неопходно е да дојдат со неа, а за сите граѓани коишто немаат ваква опременост, ќе им биде дадена пред упатување на терен“, информираат организаторите.