Македонија Делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Груевски, во посета на САД

Делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Груевски, во посета на САД

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, со пратениците Александар Николовски и Владимир Ѓорчев, е во работна посета во Вашингтон, каде остварил повеќе средби со конгресмени, сенатори и со луѓе од јавниот и од политичкиот живот на САД, информираат од владејачката партија.

Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ се сретнале со конгресменот Кристофер Смит, со кого разговарале за актуелната политичка состојба, за состојбата со мигрантите, како и за стратешката определба на државата за членство во НАТО, при што конгресменот Смит изразил силна поддршка на Македонија.

– Цврсто сум уверен дека Македонија треба да стане членка на НАТО веднаш. Со сигурност ги исполни критериумите, со извонредно лидерство на Груевски. Имав многу добар состанок разговарајќи за овие прашања, и мислам дека државата ќе биде додадена вредност во алијансата, лојален партнер и пријател. Државата треба да стане членка што поскоро и следниот претседател на САД ова прашање треба да го стави во приоритетите – изјави Смит.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, остварил средба и со доскорешниот заменик државен секретар и поранешен потсекретар за политички прашања во американскиот Стејт Департмент, Венди Шерман, како и со Елен Ташер, која беше потсекретар на Хилари Клинтон и долгогодишен конгресмен на државата Калифорнија.

– Деновиве во Вашингтон имав повеќе средби со повеќе политичари, конгресмени, сенатори, но и креирачи на јавното мислење, пријатели на Македонија, луѓе кои на некој начин се поврзани со Македонија и политиките на државата и се трудам да дадам што повеќе информации за состојбите во нашата држава, за предизвиците со кои таа се соочува, за нашите аспирации за членство во НАТО. Мигрантската криза отвора многу прашања, како и политичката криза низ која поминуваме и изборите што ни претстојат – изјави Груевски.