Дописници Дел од штипските наставници не го поддржуваат штрајкот

Дел од штипските наставници не го поддржуваат штрајкот

Триесетина наставници од основните и од средните училишта во Штип информираа дека во вторник редовно ќе работат бидејќи не го поддржуваат штрајкот на СОНК, како начин на решавање на нивните барања. Според нив, штрајкот е организиран за да ги задоволи личните интереси на претседателот на СОНК, Јаким Неделков, кој очекува оваа година да биде реизбран.

– Штрајкот, односно излегувањето на улица, не е соодветен начин за да се изборат некои права. Ние сме академски граѓани и онака како што ги советуваме децата, дека улицата не треба да биде нивна учителка и ние, како нивни професори, не би требало да се најдеме на неа – изјави Милкица Миленковиќ-Стојанова.

Групата не можеше да каже колкав е бројот на нивни истомисленици кои во вторник ќе работат редовно. Професорката Даринка Рачановска рече дека се свесни оти во вторник дел од колегите ќе работат, а дел, кои се во штрајк, ќе седат во наставничките канцеларии. На прашањето дали тие не сакаат плата поголема за 25 отсто, што е едно од барањата на СОНК, Рачановска изјави дека „тоа е научна фантастика“. Според неа, единствениот пат во решавањето на отворените прашања во образованието е „флексибилност од двете страни“.