Македонија Дејвис: Британија е спремна да ја напушти ЕУ и без договор со...

Дејвис: Британија е спремна да ја напушти ЕУ и без договор со Брисел

Велика Британија ќе ги напушти преговорите со Европската Унија за излез на земјата од ЕУ, доколку Брисел побара 100 милијарди евра како отпремнина за Брексит, изјави денеска британскиот министер за Брексит, Дејвид Дејвис

Изјавата на Дејвис доаѓа во време на предизборната кампања за изборите од 8 јуни, а аналитичарите велат дека таа има за цел да ја манифестира „цврстината и непопустливоста“ на официјален Лондон и подготвеноста да ја напуштат ЕУ без да постигнат договор со Брисел за Брексит.

Ова не е првпат официјален Лондон вака да се заканува. Премиерката Тереза Меј минатата година по референдумот изјави дека „подобро да нема, отколку да се постигне лош договор“, но подоцна и таа и министерот Дејвис ја уверуваа домашната и европската јавност дека ќе се настојува да се постигне „фер спогодба“, затоа што Брексит без договор „никому не му одговара“.

Лондонскиот весник „Фајненшл Тајмс“ за првпат ја спомна сумата од 100 милијарди евра , а во неа беа пресметани и парите за средствата од субвенциите за британскиот аграр, како и вредноста на зградите и целиот имот на ЕУ. Оваа сума е речиси двојно поголема од претходните пресметки, кои се движеа меѓу 50 и 60 милијарди евра.