Свет Европа Дефект во белгиската нуклеарна централа Доел

Дефект во белгиската нуклеарна централа Доел

Еден од четирите реактори на нуклеарната централа Доел во Белгија денеска е изгаснат поради протекување топла вода, соопшти компанијата „Електрабел“, која управува со постројката.

Протекувањето се случило во делот на генераторот за пареа, кој е одвоен од реакторот. Атомската централа Доел 3 се наоѓа северно од Антверп.

Реакторот е исклучен неколку дена откако продолжи да работи по речиси двегодишна пауза поради ремонт.

Официјални претставници соопштија дека во еден часот по полноќ е извршено „топло згаснување“, што значи дека реакторот не е целосно оладен и може повторно, за релативно кратко време, да се покрене.

Компанијата покренала истрага за протекувањето, а засега не се знае кога реакторот повторно ќе проработи.

Доел 3 е постројка со производствен капацитет од 1.006 мегавати, а беше изгаснат откако во рамки на реакторот беа откриени микро-пукнатини.