Главна секција Да се укине платеното политичко рекламирање со буџетски пари, децидни се експертите

Да се укине платеното политичко рекламирање со буџетски пари, децидни се експертите

Итно се потребни измени во Изборниот законик или донесување нов закон, со кој ќе се укине државното платено политичко рекламирање за избори - нешто што не постои речиси никаде во европските држави, беше заклучокот од денешната дебата на која ДКСК ги демонстрираше посебните извештаи за претседателските и парламентарните избори 2024 година

Фото: Колаж, Мета.мк

Од 6,2 милиони евра приходи за парламентарните избори кои се одржаа во мај годинава, 4 милиони евра биле буџетски пари. Најголем дел од овие пари се потрошени за платено политичко рекламирање на партиите/коалициите, што значи дека се влеале во медиумите или пак се изнајмуваке билборди и слично. Итно се потребни измени во Изборниот законик или донесување нов закон, со кој ќе се укине државното платено политичко рекламирање за избори – нешто што не постои речиси никаде во европските држави.

Ова накратко беше заклучокот од денешната дебата на која Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) со поддршка на Националниот демократски институт (НДИ) ги демонстрираше посебните извештаи за претседателските и парламентарните избори 2024 година. На дебатата присуствуваа претставници од Државната изборна комисија (ДИК), Државниот завод за ревизија (ДЗР), Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), Министерството за правда и претставници од невладини организации.

Фото: Мета.мк

„Деведесет отсто од од парите за политичко рекламирање отидоа во рацете на партиите кои имаат свои претставници во Парламентот. Помалите партии со мал обем на средства имаат многу мали шанси да се претстават пред електоратот. Потребно е преиспитување на процентуалното учество во изборната кампања, за сите да можат да ги претстават своите програми пред избирачите. Ваквото финансирање со средства од државата треба да се укине и ние ќе инсистираме на тоа, бидејќи процентот што се одвојува од државната каса од година во година расте“, рече Цвета Ристовска, член на ДКСК.

Со сличен став е и Борис Кондарко, претседател на ДИК, кој вели дека дури и да остане постојното решение државата да им дава пари на партиите за избори, контролата треба да ја преземе Министерството за финансии.

„Прашањето секако ќе се дискутира на работната група за измени на Изборниот законик. Јас сметам дека дури и да остане постојното решение, тогаш со парите треба да располага Министерството за финансии, да им ги дава на партиите или на медиумите. Тоа не треба да биде улога на ДИК или на ДКСК. Што и да се одлучи, државата треба да ја има контролата на парите преку своите институции над трошењето државни пари“, рече Кондарко.

„Од ДИК постојано ни заминуваат луѓе. Ние не можеме да бидеме сервис на било која партија за време на изборите и нема зошто да се мешаме во делот на партиите и на медиумите. Ние треба да се грижиме да ги спроведеме изборите“.

Директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски рече дека на последните избори рекордот  бил срушен – 850 часа имало платено политичко рекламирање за претседателските избори, а 567 часови за парламентарните.

Фото: Мета.мк

„Ете ова ни го прави државното финансирање и ако ова продолжи, ќе имаме нов рекорд. А практично во реалноста и во практиката се покажа дека потрошеното време за реклами не игра улога за тоа кој ќе биде победник на изборите. Затоа, АВМУ изрично е против државно платено политичко рекламирање, а дополнително, сметаме дека е потребна и регулација на интернет порталите и рекламирањето на социјалните мрежи“, рече Трајчевски.

Според Посебниот извештај на ДКСК за парламентарните избори, како клучни извори на загриженост се нотирани можноста партиите да се финансираат и со донации од редовната сметка, што го надминува лимитот предвиден со Изборниот законик. Понатаму се нотира дека формата на финансиските извештаи на учесниците во кампањата е обемна и сложена, а сепак не дава јасна и прецизна слика за трошењето на парите.

„Друг случај се порталите, каде воопшто не е регулиран начинот на плаќање. Податоците што ги имаме за износите е сфера во која ДКСК не добива разумно уверување за потрошените средства, а и не постои никаква контрола за начинот на трошење“, рече Ристовска од Антикорупциската комисија.

Александар Поповски, генерален секретар во Државниот завод за ревизија изјави дека сите учесници од кампањата за изборите се предмет на ревизија. На почетокот на идната година ќе биде готов финалниот ревизорски извештај за тоа дали и колку оправдано се трошеле парите за изборите.