Македонија ЦУК: Спасен овчар и стотина негови овци, биле заглавени на остров на...

ЦУК: Спасен овчар и стотина негови овци, биле заглавени на остров на надојдената Црна Река

Црна била надојдена поради активностите на АД ЕЛЕМ. Тие првично ја запреле водата кај браната Тиквеш, но повотрно ја пуштиле пред овчарот да стигне на безбедно место. Потоа, повторно ја запреле и овчарот стигнал безбедно место по пет саати чекање

Црна Река. Фото: Marija Gajić, CC BY-SA 4.0, на Wikimedia Commons

Центарот за управување со кризи соопшти дека е спасен овчар кој, заедно со неговите овци, ненадејно се нашол на речен остров, откако реката Црна надошла.

„На Единствениот број за итни случаи 112 во саботата во 17:32 часот доби информација за заглавен овчар среде Црна Река, со неговите стотина овци, на мало островче на 200 метри лоцирано под село Манастирец во Општина Росоман. Реката била надојдена заради зголемен проток при производство на електрична енергија од страна на ХЕЦ Тиквеш“, соопшти ЦУК.

ЦУК ургирал во хидроцентралата да го спречат протокот на вода кај браната Тиквеш. Таа била запрена во 18 часот.

Но, во 20.19 часот, овчарот известил дека нивото на водата не само што не се намалувало, туку се зголемувало.

„На тоа веднаш ЦУК реагираше до АД ЕЛЕМ, коишто известија дека при извршување на смената не си ја пренеле информацијата дека случајот не е завршен, па повторно ја пуштиле водата. Во 20.25ч од страна на АД ЕЛЕМ веднаш беше запрена водата од браната“, вели ЦУК.

Конечно, во 22 часот и 10 минути, речиси пет часови откако лицето првпат се јавило на 112,  доволно се намалило нивото на водата да можат заглавениот овчар и неговото стадо овци да стигнат до брег.