Македонија Чулев: Денешните избори поминаа во мирна, фер и демократска атмосфера

Чулев: Денешните избори поминаа во мирна, фер и демократска атмосфера

Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев оцени дека денешните парламентарни избори минаа во мирна, фер и демократска атмосфера.

Според него, тоа е уште еден доказ, како за демократската свест на граѓаните, така и за капацитетите на институциите, пред се на МВР, кои постапиле одговорно, бескомпромисно и неселективно согласно законските надлежности.

Чулев додаде дека биле преземени и мерки за заштита на здравјето на граѓаните, имајќи предвид што овие избори се одржаа во услови на пандемија предизвикана од корона вирусот.

„Задоволство ми е и што успеавме во исклучително тешки околности да го дадеме својот максимум да ја обезбедиме безбедноста на овие парламентарни избори,“ дополни Чулев.

Тој информираше дека заклучно до 20 часот на сите осум сектори за внатрешни работи вкупно биле евидентирани 151 настан, од кој за 31 настан наводите во пријавите по истите не се потврдени.

Чулев додаде дека заради расчистување на настани приведени се осум лица од кои четири за фотографирање на гласачко ливче, три лица за сторени прекршоци и едно кај кое било најдено гласачко ливче.

Најмногу прекршоци се пријавени на подрачјето на СВР Струмица – вкупно 38 настани, а по 31 во Скопје и Штип, СВР Битола регистрира 23 настани, СВР Куманово 14, СВР Тетово шест и СВР Велес пет, а најмалку односно три настани во Охрид.

Пријавите за настаните во најголем дел се за агитирање вкупно 75, за давање поткуп 29, испишување графити шест, нарушување на јавниот ред и мир пет настани, фотографирање на гласачко ливче шест, седум случаи на попречување на гласачи и два настани настани кои се однесуваат на фотографирање на гласачи.