Дописници Чија е камерата на „А1он“?

Чија е камерата на „А1он“?

Советниците од владејачката партија во битолскиот Совет на денешната седница побарале да се отстрани камерата на „А1 он“ од салата, а од порталот да дадат потврда дали камерата е нивна, тврдат советници. Советникот на ВМРО-ДПМНЕ, кој воедно е и портпарол на локалниот разгранок на партијата, Благој Шаклевски, откако почнала седницата и расправата за првата точка од дневениот ред, побарал да се расчисти дилемата „чија е камерата на „А1 он““, со образложение дека снимениот материјал не оди на веб-страницата на порталот туку на партискиот канал на СДСМ на „Јутјуб“.

По ова советниците ја прекинале седницата и имале долга координација. Советникот на ЛДП, Валентин Груевски, вели дека власта во Битола побарала да се отстранат медиумите од седицата, што е невиден преседан бидејќи седниците се јавни и тоа е загарантирано со статутот на Советот.

– Ова е невиден притисок од власта да се затвори седницата за јавност и воедно да се поделат медиумите на такви кои се за и против власта. Според статутот на Општината, седниците се отворени зa јавност, освен ако за затворање на седниците не гласаат две третини од советниците -вели Груевски.

Советникот на ВМРО-ДПМНЕ , Шаклевски, пак, објаснува дека мора да се знае за кого снима камерата бидејќи снимки од седницата на Совет биле злоупотребени на „Јутјуб“, кога на мета беше преседателката на Советот, Силвана Ангелевска.

– Не побарав да се отстрани камерата, туку побарав координација за да се расчисти чија е камерата. Бидејќи снимениот материјал од неа оди на партиската страна на СДСМ и на лажниот канал на „Јутјуб“, наводен Совет на општината. Инаку за нас седниците се отворени за јавност – рече Шаклевски.

По неколкучасовна координација, седницата на Советот продолжи, а како што вели Шаклевски, од камерманот било побарано да се легитимира и дополнително да донесе потврда дали навистина снима за порталот „А1 он“.

А.Б.