Главна секција Чичаковски: До 17 часот излегле 60,38 проценти од гласачите, имало 335 приговори

Чичаковски: До 17 часот излегле 60,38 проценти од гласачите, имало 335 приговори

До 17 часот излегле на гласање 60,38 проценти од гласачите на ниво на државата, информираше претседателот на Државната изборна комисија, Александар Чичаковски.

– Во изборна единица 1 излегле 66,38 проценти од гласачите, во ИЕ 2 – 59,89 проценти, во ИЕ 3 – 64,90 проценти, во ИЕ 4 – 67,15 проценти, во ИЕ 5  – 58,46 проценти, а во ИЕ 6 – 46,82 проценти – изјави Чичаковски.

Тој информираше дека од прелиминарно обработените податоци за гласањето во дијаспората, од вкупно запишани 20.571 лице, гласале 8.208 или 39,90 проценти од гласачите.

Портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска, изјави дека 335 граѓани поднеле приговор, бидејќи ги немало на избирачкиот список.

– Приговорите на овие граѓани се одбиени, бидејќи се наоѓаат во спорните записи, а не поднеле пријава за запишување во избирачкиот список. И покрај апелот на ДИК и роковите во август, а потоа и во ноември, тие не поднеле пријава во ДИК за да бидат запишани во избирачкиот список. Потсетуваме дека овие граѓани беа известени на лична адреса, но и преку интензивна медиумска кампања – додаде Гугучевска.

Претседателот на ДИК, Чичаковски, истакна дека засега во оваа фаза од изборниот процес не можат да дадат оценка за тоа како поминале изборите.