Свет Четворица убиени и неколкумина повредени во суд во Москва

Четворица убиени и неколкумина повредени во суд во Москва

Четири лица се убиени, а неколку се повредени во престрелка што изби во регионалниот суд во Москва, јавуваат руските медиуми. Сепак, нема официјална потврда за загинатите.

Адвокатката Софија Рубаска, која во моментот на инцидентот се наоѓала во зградата, за руската агенција „РИА Новости“ соопшти дека слушнала пукање и дека се ранети вработени во тој суд, судска извршителка и стражар, но не можела да даде повеќе информации. Таа вели дека се чуле не помалку од 20 истрели.

– Бевме на друго судење кога слушнавме пукање. Имаше повеќе од 20 истрели. Почнавме да се евакуираме. Ја видов ранетата извршителка и нејзиното крваво лице. Подоцна некој ми кажа дека и вооружен стражар е повреден – вели Рубаска.

Руските медиуми јавуваат дека пукањето се случило за време на судењето на деветчлената банда ГТА, која, според обвинителството, со години ги тероризирала жителите на Москва и се товари за смртта на дваесеттина лица. Некои од обвинетите се обиделе да го украдат оружјето од судското обезбедување и зеле заложници.

Портпаролката на судот, Наталија Осипова, вели дека зградата е евакуирана, а сите состаноци и судења се откажани.