Свет Европа Четворица британски судии санкционирани оти гледале порнографија на службените компјутери

Четворица британски судии санкционирани оти гледале порнографија на службените компјутери

Тројца британски судии биле отстранети од своите работни места, а уште еден си поднел оставка по истрагата која утврдила дека гледале порнографски материјал на службените компјутери во своите канцеларии, пишува лондонски „Гардијан“.

Дисциплинската постапка, која ја спровела канцеларијата за истрага на судското работење, утврдила дека имало „неоправдана злоупотреба“ на службената ИТ-опрема.

Членовите на комисијата, како што пренесува „Гардијан“, сепак биле задоволни што порнографскиот материјал не содржел слики од деца или друг вид нелегална содржина, но заклучиле дека, во секој случај, станува збор за неоправдната злоупотреба на службените компјутери и во целост неприфатливо однесување за еден судски службеник.

Истрагата покажала дека судиите, кои „Гардијан“ ги наведува по име и по презиме, судиската титула и правосудната област што ја покриваат, не биле поврзани и не си разменувале порнографски материјали, но од комисијата не сакале да откријат на кој начин биле откриени.

Гледањето порнографија не е незаконско, но ако за тоа се користи службената опрема, се смета за сериозен чин на злоупотреба која ја поткопува довербата на јавноста во судството, потсетува „Гардијан“.