Македонија Четири видови дронови според НАТО стандарди ќе се произведуваат во земјава

Четири видови дронови според НАТО стандарди ќе се произведуваат во земјава

Ќе се започне со сериско производство на четири видови на дронови кои ќе бидат опремени со вештачка интелигенција, кои што ќе имаат висок дострел, кои ќе имаат соодветна носивост да бидат опремени со соодветна опрема, најави премиерот Ковачевски

Фото: Влада на РСМ

Четири видови дронови наскоро ќе почнат да се произведуваат во Северна Македонија, најави премиерот Димитар Ковачевски, по посетата на фабриката „АТС АММО“ во Самоков. Дроновите ќе бидат според НАТО стандардите, а ќе имаат повеќе намени. Министерката за одбрана Славјанка Петровска рече дека заради потребите кои се наметнуваат, дроновите ќе бидат повеќенаменски, со способност за извидничко разузнавачки мисии, борбени дејствија и за цивилни потреби.

„Ќе се започне со сериско производство на четири видови на дронови кои ќе бидат опремени со вештачка интелигенција, кои што ќе имаат висок дострел, кои ќе имаат соодветна носивост да бидат опремени со соодветна опрема, и кои што ќе бидат целосно произведени во Република Северна Македонија, согласно сите НАТО стандарди и ќе можеме да ги гледаме во воените арсенали на НАТО земји,“ кажа премиерот Ковачевски.

Според најавите, земјава треба да се најде на мапата на производство на мултифункционални дронови кои ќе бидат користени во воените арсенали на земјите членки на НАТО.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска не открива детали, со оглед на тоа што техничките спецификации се класифицирани информации кои допрво ќе треба да се прецизираат.

„Во однос на техничките спецификации, јас не би објавувала сега што точно ќе содржат, затоа што тоа се и класифицирани информации. Мултинаменски ќе бидат заради тоа што во денешно време повеќедимензионалнсота или потребата од повеќе аспекти се повеќе се наметнува. Ти ќе бидат способни и да бидат испраќани во извидничко – разузнавачки мисии а се разбира, ќе бидат оспособени за борбени дејствија но и за употреба во цивилни цели“, рече Петровска.

Премиерот Ковачевски посочи дека „АТС АММО“ е единствената македонска фабрика во земјава за производство на малокалибарска муниција „АТС АММО“, која во минатото беше позната како „Сувенир“ од Самоков.

„Цели 42 години оваа фабрика опстојува на овие простори со долгогодишна традиција и искуство во производството на сите видови на малокалибарска муниција и успеа со својот квалитет да се пробие во светски рамки. „АТС АММО“ е дел од АТС групацијата која е присутна во 56 земји во светот“, рече премиерот Ковачевски, додавајќи дека фабриката работи според НАТО стандарди.