Македонија Чекањето на Јанева пред врата во МВР не било грешка, туку процедура,...

Чекањето на Јанева пред врата во МВР не било грешка, туку процедура, вели Спасовски

Чекањето на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева пред капијата на Министерството за внатрешни работи во петокот и повиците до обезбедувањето да „отвори“, според министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, не било грешка, бидејќи имало правила како се влегува во МВР.

„Тоа не е грешка. Во моментите додека да се јават за да се обезбеди пристапот, знаете, и дома кога ви доаѓаат на гости, мора да се најават на врата. И за специјалниот јавен обивнител и за кој било обвинител има уредба врз основа на која се влегува во МВР и се работеше за неколку секунди. Разбирам, станува збор за многу сензитивна ситуација и оправдана е реакцијата во јавноста. Сепак, постојат одредени правила врз основа кои треба да се владееме сите“, вели Спасовски во интервју во емисијата „10 Минути“ на „ТВ21“.

Специјалната јавна обвинителка неколку минути стоеше пред капијата на МВР и викаше до обезбедувањето да „отвори“, за да влезе и да види што се случува со истражителот на СЈО, кој неколку часа претходно беше избркан од Управата за безбедност и контраразузнавање. Јанева мораше телефонски да интервенира до министерот Спасовски, по што беше пуштена да влезе во МВР.