Економија „Чех ерлајнс“ ќе лета Скопје – Прага од 20 мај 2016 година

„Чех ерлајнс“ ќе лета Скопје – Прага од 20 мај 2016 година

„Чех ерлајнс“ (CSA) ќе почне со летови на линијата Скопје – Прага од 20 мај 2016 година и ќе лета двапати неделно кон аеродромот „Александар Велики“.

Редот на летање е направен да одговара на македонските деловни и туристички патници кои патуваат во Прага, односно Чешка.

– Авиокомпанијата „Чех ерлајнс“ оваа линија успешно ја опслужуваше од 2005 до 2012 година. Повторното летање за Прага ќе овозможи поголема економска и културна размена меѓу Чешка и Македонија. Очекуваме поголем прилив на чешки туристи, како и зголемување на карго-превозот – изјави генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Зоран Крстевски.

Билетите за новата рута од вчера се во продажба преку сите канали на авиокомпанијата, односно преку веб-страницата www.czechairlines.com, како и преку нивниот контакт-центар и мрежата на туристички агенции што се занимаваат со продажба на авиобилети.