Главна секција Чавков на „Фејсбук“ објави „холивудизиран“ пропаганден видеозапис од вежба на „Тигрите“

Чавков на „Фејсбук“ објави „холивудизиран“ пропаганден видеозапис од вежба на „Тигрите“

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, на својот  фејсбук-профил објави 15-минутен видеозапис во холивудски стил, од вежба на Единицата за специјални задачи „Тигри“.

Атмосферата од вежбата, во која се користат снајперски пушки, ракетни фрлачи (РПГ) и „хермелини“, е засилена со драматична музика во заднината, а активностите на терен, според кадрите, се снимени со повеќе камери.

Централна фигура во видеоснимката е директорот на БЈБ, од почетните кадри кога пристигнува на полигонот, до последните пет минути во кои има обраќање до припадниците на специјалната единица.

Во описот на содржината стои дека станува збор за тактичко показна вежба за неутрализирање на терористичка група на територијата на Македонија, како дел од програмата за реализирање обуки за припадниците од специјалните единици на Министерството за внатрешни работи. Сепак, видеозаписот остава впечаток дека станува збор за воено-пропаганден материјал.