Назначувањето на германскиот амбасадор во Австрија, Јоханес Хајндл, за специјален посредник за решавањето на политичката криза во Македонија е уште еден показател за сериозноста на ситуацијата, сметаат македонски политички аналитичари.
Според програмскиот координатор за демократија и владеење на правото при Институт за европска политика (ЕПИ) – Скопје, Александар Јованоски, интересно е што Германија, која е предводник на Европската народна партија (ЕПП) на ниво на ЕУ, беше користена како модел на демохристијанска опција во внатрешната политика на Македонија.
Јованов вели дека имплицираноста на Хајндл значи и повисоко влијание на канцеларијата на Фредерика Могерини, која е единствената личност што ги усогласува ставовите на земјите членки при сериозни кризи, надвор од секој процес на пристапување.
– Веќе е јавна тајна дека политичките партии, особено имплицираните, имаат рок за договор. Сепак, ја користам можноста да потсетам дека сите одлуки се носат во името на сите граѓани на државата. Доколку не се свесни, ние сме тука да ги потсетиме – вели Јованоски.
Политичкиот аналитичар Сашо Ордановски смета дека назначувањето на Хајндл значи дека Берлин се обидува да ги прескокне компликациите, кои се дневна реалност во функционирањето на Европската комисија и во ресорот на Хан.
Тој оценува дека во наредните неколку недели ќе се добие прецизна слика и план како ќе се излезе од кризата.
– Очекувам, исто така, тој план да не биде многу поинаков од заложбите штодосега ги предлагаше Европската комисија, која не беше доволно моќна да инсистира во нивното спроведување. Секако, повлекување на аболицијата, секако, одложување на овие избори за кои не сме спремни како држава, секако, воведување некаква форма на владеење која ќе подразбира слободна работа на Специјалното јавно обвинителство и некаков зачеток или конзервирање на институциите во Македонија, да не се деградираат повеќе од тоа што веќе се деградирани и да почнат евентуално да застануваат на поздрави нозе во очекување на политичка разврска што ќе овозможи комплетна нивна реставрација – смета Сашо Ордановски.