Економија Цените на млекото, зејтинот, брашното, месото и лебот со благ пад по...

Цените на млекото, зејтинот, брашното, месото и лебот со благ пад по маркетите

Фото: Tara Clark on Unsplash

Владината мерка за субвенционирана струја од 80 евра за мегават час која стартуваше од 1 декември, во маркетите почна да ги дава првичните резултати за намалување на цените на основните прехранбени производи, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски на собраниската седница за поставување на прашања.

Само во текот на декември, инспекциските служби извршиле 240 контроли на цените на основните прехранбени производи, со цел да се заштити домашниот пазар од злоупотреби во прометот. Ковачевски рече дека првите резултати се намалување на цената на млекото од 76 денари на 74 денари, а цената на месните преработки била намалена во просек од 4 до 8 проценти.

„Генерално, се констатира дека производителите, увозниците и трговците на мало и големо се придржуваат на највисоката утврдена маржа од 5 отсто и 10 отсто на производите наведени во Одлуката. За време на контролите, утврдено е дека намалувањето на продажната цена во продажните објекти е резултат на намалувањето на цената на гореспоменатите производи од страна на производителите соодветно“, изјави премиерот Ковачевски.

Тој посочи дека согласно извршените инспекциски надзори месецов, во големите ланци на маркети, коишто вршат трговија на мало, констатирано е дека цената на лебот се движи од 42 денара до 49 денари во зависност од грамажата и производителот, односно утврдено е намалување од 2 до 3 денари; дека сончогледово масло за јадење се продава по цени од 97 денари до 104 денари за пакувања од 1 литар и 905 милилитри во зависност од производителите, односно утврдено е намалување на цената од 2 до 5 денари. Цената на брашното од еден производител е намалена за 4 денари и во моментот изнесува 40 денари за килограм.

„Од страна на одредени производители на останатите производи наведени во Одлуката, доставени се известувања до продажните објекти за намалување на цените во наредниот период. Намалувањето на цените ќе се изврши по продажба на одредена количина на залихи коишто веќе се набавени од страна на продажните објекти, по повисока цена во претходниот период“, рече премиерот.