Економија Цените на мало во февруари зголемени за 8,6 отсто во споредба со...

Цените на мало во февруари зголемени за 8,6 отсто во споредба со истиот месец лани

Фото: Viki Mohamad on Unsplash

Раст на инфлацијата, односно трошоците на животот, во февруари 2022 година за 7,6 отсто во споредба со истиот месец минатата година. Цените на мало пак во вториот месец од годинава се зголемени за 8,6 отсто во однос на февруари 2020 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

За една година, најголем раст кај цените на мало е забележан во транспортот – 19,4 отсто, додека храната и безалкохолните пијалоци се зголемиле за 9,6 отсто. Рестораните и хотелите поскапеле за 7 отсто, поскапувања има кај речиси сите производи и услуги, со исклучок на речиси идентичните цени на обувките, облеката и услугите за комуникации во февруари 2022 во споредба со истиот месец лани.

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот во февруари 2022 година, во однос на јануари, е зголемен за 1 отсто, додека индексот на цените на мало пораснале за 1,2 отсто.

Највисок пораст на индексите на трошоците на животот во февруари 2022 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај цигарите за 6,6 отсто, свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 4,3 отсто, кафето, чајот, какаото за 2,7 отсто.

Голем пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај собирањето на отпадните води за 14,2 отсто, течните горива за домаќинствата за 8,8 отсто, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 7,4 отсто, патниот патнички транспорт за 4,3 отсто, велосипедите за 4,2 отсто, домашните услуги и услугите за домаќинствата за 4 отсто.