Главна секција Царината заплени обврзници од 92 милиони долари од патник кој допатувал од...

Царината заплени обврзници од 92 милиони долари од патник кој допатувал од Истанбул

Финансиската истрага за случајот ќе продолжи со вклучување национални и меѓународни институции, најави директорот на Царинската управа Стефан Богоев, повикувајќи се на глобалниот светски тренд на злоупотреба на обврзници како инструмент за перење пари

Photo by Markus Spiske on Unsplash

Турски државјавин кој во државава пристигнал со редовен лет од Истанбул, во четири папки и во црна рачна торба носел 184 обврзници со поединечна номинална вредност од 500 илјади долари. Вкупната вредност на обврзниците, изнесува 92 милиони долари, што е рекородна заплена, соопшти директорот на Царинската управа Стефан Богоев.

Денеска судот донел пресуда со која на турскиот државјанин му биле одземени обврзниците, а на лицето му е изречена парична казна – глоба согласно Законот за девизно работење.

Финансиската истрага за случајот ќе продолжи, најави директорот на Царинската управа Стефан Богоев, повикувајќи се на глобалниот светски тренд на злоупотреба на обврзници како инструмент за перење пари.

Богоев рече дека турскиот државјанин влегол во државата на 28 јули годинава и поминал преку зелениот канал, што значи дека не пријавил стока која би подложела на царинење.

„Царинските службеници од царинската испостава Аеродром при преглед со скенер кај него ги нашла обврзниците, а Секторот за контрола и истраги веднаш започна со истрага, односно извршени се службени разговори и известувања и консултации со домашни и меѓународни институции, вклучително и Интерпол“, рече Богоев.

Обврзниците ќе бидат предадени во Агенцијата за управување со одземен имот.

„Истрагата на Царинската управа продолжува во соработка со сите релевантни тела на национално и меѓународно ниво, со цел расветлување на случајот во насока на докажување на евентуален обид за измама или спречување на перење пари“, изјави директорот на Царинската управа.