Македонија Булеварот „Партизански одреди“ од наредна недела ќе се реконструира

Булеварот „Партизански одреди“ од наредна недела ќе се реконструира

Санацијата на коловозот ќе се одвива во текот на летниот период, во фази, по должината на булеварот во населбите Карпош 3 и 4, за што од градскиот буџет се издвоени средства во висина од 68,7 милиони денари

Градот Скопје од наредната недела ќе ја почне реконструкцијата на булеварот „Партизански одреди“, на потегот од раскрсницата со булевар „8 – ми Септември“ до мостот Обединети нации. За да не се предизвикува поголем сообраќаен метеж, обновата на коловозот на оваа сообраќајница ќе се одвива фазно.

– Сообраќајниот проект е изработен и истиот е предаден во СВР Скопје и очекуваме да добиеме одобрение за да го издадеме сообраќајното решение – велат за „Мета“ од Град Скопје.

Во периодот на реконструкција, на булеварот „Партизански одреди“ ќе има времен режим на сообраќај, за што граѓаните ќе бидат благовремено известени.

За обновата на булеварот „Партизански одреди“ се издвоени 68,7 милиони денари од градскиот буџет, а рокот за изведба на реконструкцијата е 30 дена од почетокот на градежните работи. Реконструкцијата на трасата од над 2 километри ќе се изведува во текот на летниот период, кога фреквенцијата на возила во главниот град е намалена.

Како што се наведува во договорот објавен на Електронскиот систем за јавни набавки, за изведувач на градежните работи е избрана фирмата „ЈУ – БАЈ 2 Амет“ од Скопје. Со претстојниот зафат ќе се надмине постојниот проблем со дупките и брановидниот асфалт на коловозот на булеварот „Партизански одреди“. Оваа значајна сообраќајница на потегот низ населбите Карпош 3 и 4 не е реконструирана со години наназад.