Свет Балкан Бујар Нишани свечено дочекан во Бујановац

Бујар Нишани свечено дочекан во Бујановац

Претседателот на Албанија, Бујар Нишани, денеска околу пладне пристигна во Бујановац, со што ја почна посетата на општините во Србија со мнозинско албанско население.

Како прв претседател на Албанија кој е во посета на Србија уште од 1948 година, на Нишани во Бујановац му беше приреден свечен дочек во присуство на локални функционери, но и на повеќе илјади граѓани кои го поздравија со мавтање на албански знамиња. По Бујановац, Нишани ќе го посети основното училиште „Мухарем Кадриј“ во Велико Трновце, а потоа и Прешево.

На улиците во Бујановац не беше забележано зголемено полициско обезбедување, па се претпоставува дека мерките за обезбедување се зајакнати со полицајци во цивил.

Посетата на Нишани на југот на Србија се толкува како знак за политичко затоплување на односите помеѓу Тирана и Белград, но предизвика голем број реакции бидејќи не е вообичаено шеф на странска држава да се не состанува со највисоките државни службеници на земјата во која престојува.

Одговарајќи на новинарско прашање по тој повод, премиерот на Србија, Александар Вучиќ, рече дека Србија постапила на „мудар и рационален“ начин и додаде дека „секој е добредојден во Србија, сè додека не се обидува да го наруши нејзиниот територијален интегритет“.