Македонија Бугарите навалија на јагнешко и на бензин во Македонија

Бугарите навалија на јагнешко и на бензин во Македонија

Бугарски државјани во пограничните места купуваат бензин и јагнешко месо во Македонија, јавуваат бугарските медиуми.

– Десетици ќустенцилци редовно полнат гориво во соседна Македонија – соопшти вработен од бугарскиот граничен премин Ѓуешево за Бугарското национално радио (БНР).

Поранешен пограничен полицаец од Ќустендил, за БНР изјавил дека еден литар бензин во Македонија е поевтин за 16,36 денари и оти го полни резервоарот на автомобилот од 170 литри во Крива Паланка.

Бугарскиот весник „Монитор“ минатата недела јави дека бугарските државјани за велигденската трпеза купуваат јагнешко од Македонија и од Србија, каде ова месо е поевтино. Јагнешкото во Софија се продава по цена од 440 денари, додека во Македонија е околу 120 денари помалку. Весникот наведува дека голем дел од пограничните места се одлучуваат да купат јагнешко во Србија, каде еден килограм месо изнесува околу 126 денари.

– Продавачите ти го колат животното на самото место, но ти оставаат сè, главата, органите. Поевтино е и свежо е – изјавил 35-годишен жител од Ќустендил за „Монитор“.

Бугарските погранични служби јавуваат дека во предвелигденскиот период се зачестени обидите да се внесе јагнешко од Македонија, што е забрането во согласност со бугарските и со европските закони, дури и за лична употреба.

– Во петокот на граничниот премин Ѓуешево се конфискувани две јагниња, купени во Кривопаленчко – соопштија бугарските цариници.

Бугарските медиуми јавуваат дека жителите од пограничните места, најчесто одат во соседна Македонија за да купат сирење, јајца, суво грозје и други прехранбени производи бидејќи цените се пониски.