Македонија Бугарија го отвори воздушниот простор – Лавров доаѓа на министерскиот самит во...

Бугарија го отвори воздушниот простор – Лавров доаѓа на министерскиот самит во Скопје

Ова ќе биде прва посета на Лавров во земја членка на НАТО откако Русија ја нападна Украина

Фото: МНР на Русија

Сергеј Лавров, министерот за надворешни работи на Русија ќе дојде на министерскиот состанок на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Скопје. Бугарија го отвори воздушниот простор за летот на Лавров кој треба да учествува на состанокот на министрите за надворешни работи што ќе се одржи на 30 ноември и 1 декември. Претходно, и Македонија дозволи авионот на рускиот министер да слета во Скопје.

Ова ќе биде прва посета на Лавров во земја членка на НАТО откако Русија ја нападна Украина.

За доаѓањето на Лавров пренесе новинската агенција ТАСС, повикувајќи се на руската амбасадорка во Бугарија, Елеонора Митрофанова.

„Добивме позитивен одговор на нашата нота за летот на авионот на Лавров преку воздушниот простор на Бугарија. Бугарското Министерство за надворешни работи официјално нè информираше дека нашиот министер може да лета во воздушниот простор на земјата“, вели Митрофанова за руската агенција.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи претходно рече дека очекува дел од самитот да бидат американскиот државен секретар Ентони Блинкен, како и министрите за надворешни работи на Велика Британија, Канада, земјите од ЕУ, членките на НАТО, како и Украина.

Откако рускиот претседател Владимир Путин ја започна агресијата врз Украина во февруари минатата година, Западот се обиде да ја изолира Русија, а средбите „лице в лице“ меѓу високите министри беа ретки.

Бугарија го затвори својот воздушен простор за руските авиони како дел од воведените санкции на ЕУ како одговор на руската агресија врз Украина.

Ист чекор презеде и Северна Македонија, но во пресрет на Министерскиот самит на ОБСЕ, македонската влада одлучи да им пренесе овластување на надлежните министерства сами да одлучат за издавањето на одобрение за прелет и слетување на руски воздухоплов за време на самитот од 29 ноември до 1 декември.