Свет Европа Бројот на жртвите во пожарот во Букурешт се зголеми на 31

Бројот на жртвите во пожарот во Букурешт се зголеми на 31

Властите во Романија соопштија дека уште една личност им подлегнала на повредите предизвикани од пожарот во ноќниот клуб во Букурешт, со што бројот на загинатите се зголеми на 31.

Министерот за внатрешни работи на Романија, Габриел Опреа, рекол дека машко лице чиј идентитет не е утврден, денеска им подлегналo на повредите.

Директорот на клиниката за изгореници, пластична и реконструктивна хирургија, Кристијан Нитеску, рекол дека жртвата немала роднини, освен брат кој живеел во странство.

Повеќе од 130 луѓе и понатаму се наоѓаат на болничко лекување, а кај 90 ситуацијата е критична или сериозна.

Јавното обвинителство во Романија претходно соопшти дека трите сопственици на ноќниот клуб „Колектив“ во кој во петокот изби пожар, се осомничени за убиство од небрежност и за нанесување тешки телесни повреди од небрежност.

Сведоците велат дека пожарот избил затоа што искри од пиротехничките средства користени на хевиметал-концерт ја запалиле звучната изолација во клубот.

Ирина Раду, директорка на јавниот сервис во Романија, поднесе оставка затоа што телевизијата со часови доцнела во известувањето за несреќата во ноќниот клуб, додека многу приватни телевизии за пожарот известувале од минута во минута.