Подглавна секција Бројот на загинати во вчерашните руски напади врз Украина се искачи на...

Бројот на загинати во вчерашните руски напади врз Украина се искачи на 18

Во главниот град Кијив, повредени се 22 лица, а голем број автомобили биле запалени. Воздушниот напад таму траел два и пол часа и е најдолг од 2 јануари

фото: Укринформ (декември 2023)

Осумнаесет лица загинаа, а 130 се повредени во руските ракетни напади врз украинските градови што се случија вчера, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, а пренесува Би-би-си.

Тој рече дека 139 куќи се оштетени, а бројот на жртви може да се зголеми бидејќи повеќе луѓе може да останат заробени под урнатините.

Официјални лица во вториот по големина украински град, Харкив, претходно соопштија дека загинале осум лица, меѓу кои и едно осумгодишно девојче.

Во главниот град Кијив, повредени се 22 лица, а голем број автомобили биле запалени. Воздушниот напад таму траел два и пол часа и е најдолг од 2 јануари.

Под урнатини се неколку региони на Кијив, откако противвоздушната одбрана ги пресретнала руските ракети за време на нападот, јавува Би-би-си.

Кабинетот на градоначалникот Виталиј Кличко соопшти дека 13 лица, меѓу кои и три деца, се лекуваат во болница.

Во Павлоград во централниот регион Днипропетровск, убиена е една жена.

Вчеравечер во Харкив уште седум лица биле повредени во нов руски ракетен напад.