Подглавна секција Бројот на убиени во Газа надмина 30 илјади

Бројот на убиени во Газа надмина 30 илјади

Министерството за здравство на Газа вели дека повеќето жртви се жени и деца

Фото: Mohammed Talatene/dpa

Бројот на убиени при израелската офанзива во Газа, која започна на 7 октомври, денес надмина 30 илјади, односно 1,3 отсто од 2,3 милиони Палестинци во Газа, соопшти министерството за здравство на Газа. Повеќе од 70 илјади луѓе се водат како повредени, пренесува Би-би-си.

Според министерството за здравство, повеќето жртви се жени и деца. Иако министерството е водено од Хамас, независни извори велат дека бројките за убиени во регионот кои министерството ги давало низ годините се покажале како генерално прецизни. Светската здравствена организација (СЗО) ги користи бројките приложени од министерството и велат дека имаат добра и верна соработка со институцијата.

Всушност, бројот на жртви во Газа е најверојатно и многу повисок од 30.000, бидејќи бројката не ги вклучува тие кои не биле потврдени од медицинско лице или кои се затрупани под урнати згради. Доколку би имало примирје, ќе се овозможи сите тела да се откријат и да се добие појасна слика за точниот број на убиени во појасот.

Бројките на министерството не разликуваат меѓу цивилни и нецивилни жртви. Израелската војска за Би-би-си рекла дека околу 10 илјади терористи се убиени досега од почетокот на офанзивата.

СЗО вели дека, во споредба со други конфликти, во Газа се забележува значително повисока бројка на жртви, како и зголемен број на убиени жени и деца.

Во бројот на жртви се бројат и тие кои умреле поради катастрофалните услови за живот во Газа во моментот. Во среда, шест деца починале од дехидрација и глад во болница во Газа. Обединетите нации предупредуваат дека четвртина од населението на Газа е под ризик да гладува и оти ширењето на болести претставува сериозна закана за здравјето за жителите на Газа.