Свет Европа Британско воено разузнавање: Одбраната на Бахмут е под засилен притисок

Британско воено разузнавање: Одбраната на Бахмут е под засилен притисок

Битката за Бахмут трае седум месеци. Евентуална победа на Русија во овој град, во кој пред војната живееле околу 70.000 луѓе, би означувала прв голем напредок на Москва во рамки на скапата зимска офанзива

Зграда во Бахмут по руско бомбардирање, 04.01.2023 г. | Фото: Регионална воено-цивилна администрација на Донецк, CC BY 4.0, Викимедија комонс

Украинските воени сили кои го бранат градот Бахмут во Донецкиот регион на земајта, се соочуваат со зголемен притисок од Руските сили. Интензивни битки се водат во и околу градот на истокот, објави британското воено разузнавање, а пренесе Ројтерс.

Украина ја засилува одбраната со елитни единици, додека регуларната руска армија и силите на приватната парамилитатна група Вагнер напредуваат во северните предградија на Бахмут, објави британското Министерство за одбрана.

Генералштабот на украинските вооружени сили на официјалната Фејсбук страна соопшти дека руските трупи се обидуваат но не успеваат да го опколат Бахмут, додавајќи дека бранителите одбиле бројни напади во и околу градот.

Битката за Бахмут трае седум месеци. Евентуална победа на Русија во овој град, во кој пред војната живееле околу 70.000 луѓе, би означувала прв голем напредок на Москва во рамки на скапата зимска офанзива.

Британското Министерство за одбрана соопшти дека два клучни моста во Бахмут се уништени во последните 36 часа, додавајќи дека украинските рути за снабдување што водат кон градот, се сè поограничени.

Според Русија, Бахмут би бил отскочна штица за комплетирање на заземањето на индустрискиот регион Донбас, една од најважните цели на Москва во Украина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој го опиша Бахмут како „тврдина“, им се заблагодари на бранителите на градот во видео порака, но не изнесе детали за борбите.