Македонија Богојески: Почнуваме кампања за подигнување на свеста за реформи во ВМРО-ДПМНЕ

Богојески: Почнуваме кампања за подигнување на свеста за реформи во ВМРО-ДПМНЕ

Реформаторите на ВМРО-ДПМНЕ денеска најавија почеток на теренска кампања низ сите општини во Република Македонија.

Петар Богојески, еден од членовите на иницијативата, истакна дека кампањата ќе биде за подигнување на свеста за потреба од суштински реформи во ВМРО-ДПМНЕ и ги повика членовите на ВМРО-ДПМНЕ да се вклучат и да дадат свој придонес за отворање и за демократизација на партијата.

– Кампањата ќе се одвива почнувајќи од месните штабови преку општинските до регионалните, вклучувајќи претседатели на општинските комитети, претставници на патриотски здруженија и тим на невладини организации. Срдечно се заблагодарувам на огромниот број членови и симпатизери кои секојдневно изразуваат и даваат поддршка на оваа иницијатива за спас на партијата. Тоа се членови и симпатизери целосно свесни за политичката изолација во која западна партијата – рече Богојески.

Тој упати апел до раководството на партијата да се приклучи на иницијативата за што поскоро да се случат реформите и демократските промени во ВМРО-ДПМНЕ.

– Наша порака до раководството на ВМРО-ДПМНЕ е: знаеме дека сите вие сте целосно свесни дека е дојдено време за реформи и за демократски промени. Ве повикуваме да се приклучите на нашата иницијатива за што поскоро да ги направиме реформите, да ги надминеме сите недоразбирања, сите лични конфликти и сите заедно да тргнеме по патот на реформи, како единствен можен избор за да постигнеме победа на наредните избори – додаде Богојески.